Наши пријатели

Убедлива победа на сениорите над Чешка и пласман на ЕП од првото место во групата

19222791_1170468569723978_7352227700329100939_o

Сениорската машка репрезентација на Македонија на најдобар начин ги заврши квалификациите за ЕП Хрватска 2018. Избраниците на Раул Гонзалез пред преполните трибини на ВИП Арена „Борис Трајковски“ одиграа фантастичен меч против Чешка и со убедлив триумф од 33-20 обезбедија пласман на континенталниот собир од првото место во квалификациската група.

Само почетокот на натпреварот донесе резултатска неизвесност, но од моментот кога со голот на Кирил Лазаров, Македонија поведе со 8-7, до крајот на средбата веќе не го испушти водството во ниту еден момент. На пауза за полувреме се замина со веќе високи 6 гола разлика за Македонија (16-10), а нашите репрезентативци одиграа одлично тимски и во второто полувреме во кое доминираа на двата краја од теренот. Разликата постојано се зголемуваше за конечни и заслужени 33-20.

Кирил Лазаров и на оваа средба беше прв стрелец во нашиот тим со 11 постигнати голови и со нив стигна до вкупна бројка од 59 голови во квалификациите што го прават убедливо најдобар реализатор, пред Вуко Борозан од Црна Гора со 50 и Дамиан Кеѕиора со 41 гол.

Покрај Лазаров, во листата на стрелци во нашиот состав се запишаа и Манасков со 6, Пешевски со 4, Филип Лазаров со 3, Георгиевски и Талески кои постигнаа по 2 гола, како и Кузмановски, Миркуловски, Митков, Стоилов и голманот Митревски кои беа реализатори на по 1 гол. Одличен натпревар имаше и Борко Ристовски кој забележа 16 одбрани во 50-те минути кои ги мина на теренот, а впечатлив настап имаше и Митревски кој го зачини и со постигнатиот погодок.

selfi

На втората средба од нашата група, Исланд славеше над Украина со 34-26, по што Македонија го освои првото место во групата со 7 бодови, Чешка е втора со 6, исто толку освои и Исланд на третото место, додека Украина ги заврши квалификациите на последното место со 5 бодови. Покрај Македонија и Чешка како две првопласирани селекции, на ЕП во Хрватска ќе патува и Исланд, како најдобра третопласирана екипа од сите квалификациски групи.

Инаку, пред почетокот на средбата со Чешка, Претседателот на РФМ, Живко Мукаетов и Генералниот Секретар Филип Милошевски му врачија врамен дрес на Влатко Митков, кој со овој меч ја заврши репрезентативната кариера. Митков беше отпоздравен од бројните фанови на трибините со силен аплауз во знак на благодарност за долгогодишните настапи во црвено-жолтиот дрес.

IMG_2263

Слични вести

Ракометна Федерација на Македонија, бул. "Кузман Јосифовски - Питу" бр. 15, 1000 Скопје © 2015 Copyright