Наши пријатели

Симе Симовски е избран за нов селектор на Женската Сениорска Репрезентација

Управниот одбор на РФМ едногласно го усвои предлогот на тричлената комисија за избор на селектор на Женската Сениорска Репрезентација и на позицијата го назначи Симе Симовски. Своето деби како селектор на репрезентацијата, Симовски ќе го оствари на Квалификациите за ЕП во октомври.

Комисијата во состав Гино Стрезовски, Гордана Нацева и Емил Угриновски по разгледување на кандидатурите за селекторската позиција на Женската Сениорска Репрезентација, одлучи до Управниот одбор на РФМ да го предложи доскорешниот селектор на Јуниорките, Симе Симовски. Управниот одбор едногласно го прифати предлогот, поставувајќи го на позицијата Симовски кој ќе ги предводи Сениорките во наредните две години (два квалификациски циклуси). Симе Симовски на позицијата селектор на Женската Репрезентација доаѓа како наследник на Ристо Магдинчев, односно Благојче Весиќ кој во меѓувреме ја извршуваше функцијата како ВД селектор.

Својот деби настап како селектор на сениорките, Симовски ќе го забележи веќе наредниот месец на претстојните квалификации за Европското Првенство, каде Македонија е во група со Црна Гора, Хрватска и Словенија. Симе Симовски во изминатата година беше селектор на Јуниорската женска селекција, предводејќи ја до успешно минување на квалификациите за пласман на ЕП, а потоа и на континенталниот собир што летово се одржа во Шпанија.

Во својата богата кариера, Симовски како асистент на селекторот беше дел од Сениорската Женска Репрезентација на Светското Првенство во 2001 година и на Европското Првенство во 2012 година, а како селектор ги предводеше и младинските селекции во периодот од 1998 до 2000 година. На клупски план, моменталниот тренер на ЖРК Вардар во кариерата беше дел и од Металург, Скопје и Пролет, каде покрај бројните успеси на домашната сцена, оствари и поголем број настапи во Европските Купови.

Слични вести

Ракометна Федерација на Македонија, бул. "Кузман Јосифовски - Питу" бр. 15, 1000 Скопје © 2015 Copyright