Наши пријатели

Македонија ги доби противниците во Квалификациската група за ЕП 2020

29872534_1984385991603292_6017802762771412158_o

Сениорската машка репрезентација на Македонија како носител на група го пречека извлекувањето на квалификациските групи за ЕП 2020 година. На церемонијата во Трондхајм, Норвешка, нашите сениори за противници во групата ги доби Исланд, Турција и Грција.

Европското Првенство 2020 година ќе биде прво на кое ќе учествуваат 24 репрезентации (досега настапуваа 16), а Македонија по извлекувањето има изгледна прилика да го продолжи континуитетот на настапи на големите натпреварувања, со тоа што двете најдобропласирани селекции од групата ќе обезбедат дирекен пласман на континенталниот собир.

Битка за првото место во групата се очекува да се води со Исланд, селекција со која се сретнавме и во последните квалификации за ЕП Хрватска 2018 и против која победивме во Скопје, а загубивме минимално во Рејкјавик. Македонија важи за фаворит на хартија против останатите две селекции – Турција и Грција, против кој има позитивен биланс во малкуте досегашни одиграни меѓусебни натпревари.

Покрај првопласираните две селекции од секоја група, пласман на ЕП 2020 ќе обезбедат и четирите најдобри третопласирани селекции од вкупно осумте квалификациски групи. Досега пласманот на ЕП го имаат осигурано трите домаќини – Норвешка, Шведска и Австрија, како и актуелниот европски првак – Шпанија.

Квалификациите за ЕП ќе се играат во три фази (по два натпревари), а почнуваат во втората половина на октомври, кога најпрво ќе ја пречекаме Турција, а потоа ќе гостуваме на Грција. Двете средби против Исланд ќе ги одиграме во текот на ЕХФ неделата во април 2019, а квалификациите ќе се затворат во Јуни 2019, кога гостуваме на Турција и за крај ја пречекуваме Грција.

Распоред на натпревари:
24/25.10.2018 Македонија – Турција
27/28.10.2018 Грција – Македонија
10/11.04.2019 Исланд – Македонија
13/14.04.2019 Македонија – Исланд
12/13.06.2019 Турција – Македонија
15/16.06.2019 Македонија – Грција

Слични вести

Ракометна Федерација на Македонија, бул. "Кузман Јосифовски - Питу" бр. 15, 1000 Скопје © 2015 Copyright