Наши пријатели

Голема победа на Сениорките против Србија, Македонија на чекор до полуфинале на МИ

2

Нов одличен настап забележа Македонската женска репрезентација на Медитеранските игри што периодов се играат во Тарагона во Шпанија. По триумфот над Турција во првото коло, избраничките на Симе Симовски денеска во клучниот натпревар од Групата ја совладаа Србија со 28-21, со што дојдоа на само чекор до пласман во полуфиналето.

Со исклучок на почетните 10-тина минути од натпреварот кои беа изедначени, Македонија ги контролираше случувањата на теренот и резултатот во целиот остаток од средбата. Во вториот дел од првото полувреме, нашите ракометарки успеаја да стигнат до прво опипливо водство, кое на паузата гласеше 16-13. Продолжија избраничките на Симе Симовски со истиот интензитет и во второто полувреме, кога пред крајот на средбата стигнаа и до предност од 9 голови (28-19). Србија ги постигна последните два гола на средбата за намалување на 28-21, но Македонија заслужено стигна до вториот триумф на турнирот.

Елена Ѓеорѓијевска, Јована Саздовска и Сара Ристовска со по 6 постигнати гола беа најдобри стрелци во нашиот тим, Гакидова дополни 5 гола од исто толку обиди, а реализираа и Душица Ѓеорѓиевска (3 гола) и Теодора Керамичиева (2 гола). Нов одличен настап на нашиот гол имаше Матеја Серафимова.

Со оваа победа, Македонија го задржува максималниот учинок во групата, со два натпревари до крај на групната фаза. Според распоредот, утре нашите ракометарки се слободни, а потоа се среќаваат најпрво со фаворизираната Црна Гора, а потоа со Египет. Победата против Србија ја става Македонија во одлична позиција во борбата за некое од првите две места кои водат во полуфинале.

Слични вести

Ракометна Федерација на Македонија, бул. "Кузман Јосифовски - Питу" бр. 15, 1000 Скопје © 2015 Copyright