Наши пријатели

Голема победа на Македонија против Исланд (30-25)

Radost 2

Сениорската машка ракометна репрезентација на Македонија, направи голем чекор кон пласман на Европското Првенство што во 2018 година ќе се игра во Хрватска. На дебито на новиот селектор Раул Гонзалес, Македонија со одлична игра го совлада Исланд во Скопје со 30-25.

Преполните трибини на ВИП Арена „Борис Трајковски“ дадоа дополнителна мотивација на нашите ракометари, кои одиграа одличен натпревар против силниот ривал и заслужено стигнаа до втора победа во квалификациската група. Иако Исланд поведе со 2-0, Македонија рано во натпреварот ја превзема контролата врз играта и резултатот и во неколку наврати во првото полувреме водеше со по 4 голови разлика.

Во самата завршница од првото полувреме и на стартот на второто, Исланд со серија од 7-2 успеа за момет да направи пресврт и да поведе со 17-16, но нашите репрезентативци и во оваа ситуација успеаја да го вратат посакуваниот ритам и повторно да дојдат до предност која ја задржаа до крајот на натпреварот за конечни 30-25.

Капитенот Кирил Лазаров беше предводник на нападот на нашиот тим завршувајќи го мечот со 11 постигнати погодоци. Филип Талески постигна 5 голови од исто толку обиди, одлично одиграа и Миркуловски и Стоилов кои додадоа по 4 голови, а во листата на стрелци се запишаа и Георгиевски со 3, Кузмановски со 2 и Пешевски со 1 гол. На голот на нашата репрезентација, особено впечатлив настап имаше Борко Ристовски кој забележа 12 одбрани.

Оваа втора победа во трите натпревари од групната фаза, ја носи Македонија на првата позиција на табелата со 4 бода, исто колку што има и Украина. Чешка и Исланд го делат третото место со по 2 бода. Следен за нашата репрезентација е мечот на гостински терен против Исланд во Рејкјавик што ќе се одигра во недела.

Слични вести

Ракометна Федерација на Македонија, бул. "Кузман Јосифовски - Питу" бр. 15, 1000 Скопје © 2015 Copyright