РК ПРОЛЕТ 62

Ракометниот клуб Пролет бил создаден од страна на младинците Душко Јордановски – Чиче, Станимир Младеновиќ – Чвор, Јани Валчинов – Бапка, потоа Ѓорѓи Коробар – Чиче, Перо Георгиевски, Мице Јордановски, Ристо Перчинов, Гоце Стефановски, Киро Симоновски, Вангел Коловски и други. Првите дресови биле во црна и во сина-бела боја, натпреварите биле играни на набрзина изграденото игралиште (црвеница) во дворот на „11 Октомври“. Првите дресови ги обезбедил Ѓорѓи Коробар – Чиче, а првиот амблем на клубот бил дело на голманот Владимир Костовски – Коска.

Првата натпреварувачка сезона во 1962 година РК Пролет ја мина во скопската зона, каде во турнирски систем не успеа да обезбеди влез во Првата републичка лига, губејќи од Работнички.

Желбата да се биде дел од републичката лига е исполнета во сезоната 1964/65, во која Пролет го освојува првото место со гол-разлика 94-56, на огромна радост на навивачите во оваа скопска населба.
Во сезоната 1969/70 тимот на Пролет го освојува одличното трето место во Првата републичка лига, зад Пелагонија од Битола и Партизан од Гевгелија.

Од оваа сезона почнува напредокот на РК Пролет, за кој значајна улога има прославениот ракометар Славе Атанасовски – Чаве, со чие преземање работите тргнаа во позитивна насока за нашиот клуб.

По осамостојувањето Пролет се пресели во понизок ранг на натпреварување бидејќи не обезбеди пласман меѓу првите четири екипи во Првата републичка лига. Сепак, со напорна работа се изборивме клубот да влезе во елитното друштво, чиј дел сосема заслужено е во последните години. Притоа, РК Пролет три пати обезбедува и учество во европските купови, во Челинџ-купот во 2009 и во 2012 година, како и во ЕХФ Купот во 2018 година.