Двата македонски претставници во елитното европско клупско натпреварување, викендов остварија значајни победи на натпреварите против Пик Сегед, односно Кадетен што ги играа во Скопје. Вардар е сега една од само петте екипи со максимален учинок по две кола, додека Металург го дели второто место во својата група со уште три екипи.
Во саботата во СЦ „Борис Трајковски“, Металург одигра одличен натпревар против фаворизираниот Кадетен и со водство во текот на сите 60 минути заслужено стигна до победа од 28-24. Добрата одбрана и максималната реализација уште на стартот донесоа 5-1, разлика која Металург ја одржуваше до паузата за 15-11. Само за момент во второто полувреме Кадетен успеа да се доближи на два гола негатива, но Божовиќ брзо реализираше по добрата игра во одбрана на Маџовски и откако Металург повторно направи 4 гола предност, го одведе натпреварот во мирна завршница за конечен триумф од 28-24.
Јанко Божовиќ со 8 голови беше носител на реализацијата во македонскиот состав, Мраковчиќ додаде 5 гола, Мааџовски 4, а Матиќ и Пешевски реализираа по 3 погодоци. Кај Кадетен, очекувано најдобар стрелец беше Габор Часар со 7 погодоци.
Во неделата во СЦ „Јане Сандански“, Вардар по триумфот на гости во првото коло, се сретна со квалитетниот состав на Пик Сегед, кој исто така победи на отворањето на сезоната. Скопјани одлично го почнаа натпреварот, стабилноста на голот на Штербик и добрата реализација во нападот донесоа предност од 6-3, но следуваше серија на гостинот од 5-1 за пресврт пред полувремето. На пауза се замина со 11-11, а второто полувреме имаше сличен старт како и првото – Штербик бранеше одлично, а Дибиров и Карачиќ отворија серија од 5-1 и Вардар креираше разлика која Пик Сегед не успеа да ја стигне до крајот. Црвено-црните имаа и највисока предност од 5 голови, за конечни 27-23.
Арпад Штербик со 15 одбрани имаше особено впечатлив настап, а од стрелците, Карачиќ со 5 гола беше најпрецизен, додека Циндриќ, Дибиров и Душебаев постигнаа по 4 гола. Кај Пик Сегед, Калман постигна 6 голови, додека Сиера Мендез, кој имаше одлично прво полувреме, го заврши натпреварот со 10 одбрани.
Вардар по ова второ коло е на делба на првото место во својата група со Рајн Некар кој исто така победи на првите две средби. Противник во следното коло е Кристијанштад. Металург пак, со една победа и еден пораз во својата „Д“ група е на делба на втората позиција со Мотор, Баја Маре и Елверум.
(Фото: Екипа)