Капитенот на Македонската ракометна репрезентација, Кирил Лазаров, во интервју за специјализираниот ракометен портал Балкан Хендбол, даде свое видување на неколку актуелни теми кои се однесуваат на одлуката клупската кариера да ја продолжи во Нант, но и за состојбата, развојот и иднината на македонскиот ракомет.
Интервјуто, кое во оригинална верзија може да се најде на овој линк, ви го пренесуваме во целост:
Сите до некаде очекуваа да се вратиш дома по 17 години и последниот дел од кариерата да го одиграш пред домашната публика. Одлуката падна на Нант и Франција. Зошто?
„Имаше повеќе интересни опции. Минав доста непреспиени ноќи додека да ја донесам одлуката. Барселона беше во игра до последниот момент. Одлучија да се освежат и да ја подмладат екипата, слично како што Германците направија на ЕП во Полска и со тоа дојдоа до златото. Нант покажа дека има големи амбиции за во иднина. Тоа е тим кој оди кон врвот, чекор по чекор. Оваа сезона го победија Париз со седум голови разлика, а тоа не е воопшто едноставно. Не можеш да го победиш ПСЖ без да поседуваш сериозен квалитет. Имаат амбиција и стратегија да бидат уште посилни. Беа многу конкретни и концизни во преговорите што навистина ми се допадна. Ми оставија впечаток дека навистина сакаат. Зборував со Ентрериос, со кого играв заедно во Сиудад Реал и кој сега е помошник тренер во Нант. Него навистина го ценам како човек. Ми остави позитивен впечаток за клубот, за начинот на функционирање и за плановите кои ги имаат. Шкоф исто така имаше само пофални зборови за Нант каде што бранеше едно време…“
МИ ДОСАДИЈА ПРАЗНИТЕ АРЕНИ – ПОТРЕБЕН МИ Е АДРЕНАЛИН
Што може Нант, во спортска смисла, да му понуди на човекот кој во последните 15 години со своите клубови имаше само една цел – да ја освои Лигата на шампионите?
„Сакав да се обидам во посилна лига како што е Француската. Желен сум за полни сали, неизвесни натпревари. Таму секој може секого да победи. АСКОБАЛ лигата малку ми здодеа. Седум години, празни сали, слаб квалитет. Чувствувам дека ми недостасува мотивација во тој контекст. Чекаме да дојде Лига на шампионите за да можеме да одиграме посериозен натпревар. Ми недостасува тој натпреварувачки адреналин, кој го држи играчот во живот и во вистинска форма. Тоа ќе го имам во Франција, па дури и да не си во форма, кога ќе видиш полна сала, веднаш друго е чувството. Веднаш заживуваш, поради некој инат во тебе дека можеш и мораш…“
„Уште една важна работа која влијаеше на мојата конечна одлука е дека би сакал да играм во земјата на светските шампиони. Во текот на кариерата имав можност да се пробам во повеќе различни земји и ракометни школи (Унгарија, Хрватска, Шпанија) и би сакал да се пробам и во Шпанија, затоа што тоа е искуство кое може само да ми помогне доколку по играчката кариера одлучам да останам во спортот. Франција е поим за ракомет во последната деценија. Љубопитен сум да видам како тоа функционира. Ќе бидам побогат и за уште еден странски јазик, а тоа не се купува со пари…“
МЕТАЛУРГ НАСКОРО НА СТАРИТЕ ПОБЕДНИЧКИ ПАТЕКИ
Многу се шпекулираше и претпоставуваше, а дали воопшто постоеше реална основа за твое доаѓање во Скопје – Вардар или Металург?
„Ако кажам дека ја сакам Македонија, би лажел. Јас ја обожувам Македонија! Вардар се одлучи за Кристопанс и Македа. Имаат свој концепт и се држат до него. Металург тргна по нов пат, по се што се случи пред неколку години. Изгледаат многу позитивно, треба да се поддржат и да им се даде време. Македонскиот концепт со домашни играчи кои полека влегуваат во репрезентацијата. Не е лесно да се работи со младите и да се одгледуваат. Секоја чест за Лино Червар за неговото трпение. Ги гледам наскоро на старите победнички патеки“.
Лазаров, па Чема, овие денови сите патишта водат кон Франција. Дали мислиш дека Французите можат да го превземат статусот на најдобра лига на светот, базирано на организацијата на Светското првенство?
„Французите сериозно се приближуваат и веќе се многу блиску до Германците. По моето искуство и по она што може да се види, Французите се навистина добро организирани, прецизни и со цврски и јасни договори и правила на игра. Со повеќе вакви лиги, ракометот би се приближил до фудбалот и кошарката, а реално сме далеку од нив“.
НЕ ЗНАМ ДАЛИ Е КРАЈ 2019 ГОДИНА
На крајот на договорот со Французите е имаш 39 години. Прашањето кое само се наметнува е дали Нант е последна станица во кариерата на Кирил Лазаров?
„Рано е да се даде прецизен одговор. Живеам ден за ден. Не можам ништо да предвидам“.
МАКЕДОНИЈА ИМА СВЕТЛА ИДНИНА
Какво беше искуството на Светското Првенство 2017 со временска дистанца од месец дена? Каде е Македонската репрезентација сега, по освојувањето на 15 место на првото големо натпреварување во новиот циклус, а каде ќе биде за две-три години?
„Не сум човек кој се задоволува со мали работи. Дури и често сум свесен дека претерувам и дека не сум реален. Месец дена подоцна, кога ќе се вратам, можам да кажам дека впечатокот е позитивен, кога се заедно ќе се земе во предвид. Почна нов олимписки циклус. Македонија почна со подмладување, потпомогната од искусните играчи. Нашиот селектор добро знае што работи и што сака. Добро е што Червар има поминато толку многу во неговата кариера, што ниту нашиот менталитет, ниту злобните коментари по еден лош натпревар не можат да го изместат од курсот. Имаме и глава и опашка, треба да бидеме мирни и трпеливи. Резултатот ќе дојде. И не само резултатот, туку и загарантираната иднина за следната деценија и повеќе. Овој проект треба само да се поздрави. Никој немаше ниту слушнато за Талески, Кузмановски, Нелоски, Крстевски, Дрогришки, Велковски, Томовски… А споменувам само бекови и голмани, затоа што крила и пивоти имаме за извоз (низ насмевка). Се тоа се млади момци кои ќе прераснат во добри или врвни играчи, што сепак повторно и од нив зависи. Македонија има силна ракометна иднина. Сите нив Лино ги пронајде, трпеливо работеше со нив и се уште работи. Ова се аргументи кои ми даваат причина позитивно да размислувам за иднината на нашиот ракомет“.
НЕ СМЕ СВЕСНИ КОЈ Е ЛИНО ЧЕРВАР
Главното прашање во текот на минатиот период во регионот е статусот на Лино Червар. Дали сте разговарале на таа тема и која е пораката за селекторот?
„Лино го обожуваат во Македонија, но има и такви кои го мразат. Средина нема. Мое лично мислење е дека не сме свесни кого имаме, а ќе се освестиме кога ќе го изгубиме или доколку го изгубиме. Повторно се враќаме на истата тема – производство на играчи. Лино до сега навистина многу направи, а доколку му се овозможи да продолжи и доколку се поддржи, ќе направи уште повеќе. Он е голем визионер, полн со идеи, многу е иновативен и трпелив во реализација на задачите што ќе ги постави. Искрено се надевам дека Червар ќе остане да го продолжиме она што заедно го започнавме. Точно е бара многу, но треба да се поддржи и да се проследи. На крај, он би бил најнесреќен од сите доколку не успее во она што го зацртал“.
„Македонскиот концепт е значаен за клубовите, не само во ракометот, туку и во другите спортови. Да се присетиме на примерот со Кометал. Ги имавме освојувачите на ЕХФ Лигата на шампионите, а каде се сега? Зошто клубот згасна? Затоа што беа 14 странци од вкупно 16 играчи. Не само што згасна клубот, туку и женскиот ракомет потона. Речиси немаме лига, ниту репрезентација веќе со години. Кој доби, а кој загуби во оваа ситуација? Македонија најмногу загуби од сите. Ја нема на женската ракометна мапа. Ситуацијата е таква да не посакаш да се најдеш во кожата на нашиот претседател Муакетов, кој со сите сили се бори да ја обнови базата на женскиот ракомет“.
ВЛОЖУВАМЕ ВО ИДНИНАТА
Се подготвува трето камперско лето во Охрид. Како си задоволен со проектот кој го носи твоето име – „Камп Кирил Лазазров“ и што не чека за неколку месеци?
„Многу сум задоволен од тоа што јас и моите соработници го почнавме и креиравме пред три години. Растеме од година во година, собравме и многу искуства и сме се подобри и поорганизирани. Подготвивме малку поразличен концепт за наредното лето. Подготовките се во тек, за нив се задолжени Горан Ѓоргоновски и неговата агенција КМГ. Интересот е голем и како моментално изгледа, мислам дека бројот на учесници ќе го пополниме многу бргу. Македонија сака ракомет, а ние вложуваме во децата кои се нашата иднина. Ех, да имаше кампови во мое време, кој знае каков играч јас ќе бев“, завршува на шега Кирил Лазаров во интервјуто за Балкан Хендбол.