Почитувани,
Ве информираме дека Управниот Одбор на Ракометната Федерација на Македонија, согласно Член 35, 59 и 60 од Статутот поради итност на донесување на одлука согласно Член 3 точка 11 “Одлука без присуство” од Законот за здружение и фондации (Сл. весник на РМ бр. 52 од 16.04.2010 год.) на ден 12.04.2021 год. донесе одлуки за усвојување на системот на натпревари, обврска на учесниците во Супер Лига за пријава на младински категории од сезона 2022/23 и број на ангажирање на странски играчи од сезона 2022/23 година во национален систем на натпревари при РФМ.
Одлука бр.1, систем на натпревари при РФМ во машка конкуренција (Супер Лига и Прва лига):
- Согласно направената анализа и комуникација со членките на РФМ и добиените писмени дописи од клубовите : РК Бутел, РК Струга, ГРК Охрид, РК Голден Арт – КЛ7, ГРК Тиквеш 2014, РК Радовиш, РК Младост 1977, РК Прилеп, РК Астраион Хендбол, РК Пролет 62, РК Јуниор Кисела Вода 2020, РК Еурофарм Пелистер, РК Еурофарм Пелистер 2 и РК Металург е усвоен системот за натпревари во машка конкуренција Супер и Прва Лига (во прилог прикачен документ).
Одлука бр.2, обврска на учесниците во Супер Лига (машка конкуренција) за пријава на пионерска екипа (задолжително) и младинска или кадетска екипа.
- Сите учесници во Супер Лига (машка конкуренција) започнувајќи од сезона 2022/23 година имаат обврска да пријават пионерска екипа (задолжително) и младинска или кадетска екипа во националниот систем на натпревари при РФМ. Годиштата за право на настап ќе бидат одредени на конференција на клубови пред започнување на натпреварувачката сезона 2022/23 година.
Одлука бр.3, број на ангажирани странски ракометари од сезона 2022/23 година.
- Бројот на странски ракометари на натпревар за домашно првенство од сезона 2022/23 година може да изнесува вкупно максимум 6 (шест) ракометари:
1. Квота А: Максимум 3 (три) странски ракометари по произволен избор на клубовите;
2. Квота Б: Останатиот број до максимум 6 (шест) странски ракометари задолжително да имаат минимум 10 настапи за репрезентација на својата држава.
Клубовите имаат право, сите 6 (шест) странски ракометари да ги ангажираат според спецификациите од (Квотата Б), но немаат право да ангажираат повеќе од 3 (три) ракометари по избор (Квота А).
Ограничувањето за странските играчи се однесува ЕДИНСТВЕНО на националниот систем на натпревари при РФМ, за учество во Европските и Интернационалните клубски натпреварувања, клубовите имаат право да регистрираат неограничен број на странски играчи.
Дополнително, Ракометната Федерација на Македонија склучи Договор со Спортски Центар Борис Трајковски за изнајмување на простории (канцеларии) кои ќе бидат во функција за спроведување на активностите на сите националните селекции.
Наградата во износ од 10.000 ЕУР одредена за женска сениорска репрезентација за остварен максимален учинок на турнирот одржан за обезбедување пласман бараж за СП Шпанија 2021 ќе биде исплатена на 14.04.2021 година.
Наградата во износ од 20.000 ЕУР одредена за машка сениорска репрезентација за победата против Светскиот и Олимпискиот шампион селекцијата на Данска ќе биде исплатена на 21.04.2021 година.
Спортски поздрав.
Ракометна Федерација на Македонија