Наши пријатели

Вардар по 12 пат го освои Купот на Македонија

Capture

Ракометарите на Вардар го совладаа Еурофарм Работник во финалето од Купот на Македонија 2017 и четврта година по ред го освоија престижниот трофеј од ова натпреварување.

Иако домашниот тим во салата „Младост“ успеваше да одржи резултатска неизвесност во првите 10 минути од првото полувреме, Вардар со серија од 4-0 поведе со 10-7 и од тој момент па до крајот на средбата не го испушти водството. На полувреме се замина со водство на скопјани од 16-13, па иако Еурофарм успеа да се доближи до 18-16, Вардар направи нова серија од 5-0 со која го реши победникот. Во рутинската завршница, избраниците на Раул Гонзалез остварија конечен триумф од 31-26.

Иван Чупиќ со 8 голови беше најпрецизен во победничкиот тим, а меѓу поистакнатите беа и Циндриќ и Дујшебаев со по 5 голови, како и Деревен и Карачиќ кои постигнаа по 4 гола. Кај Еурофарм Работник, Филип Чурлевски беше реализатор на 7 погодоци.

На патот до финалето, во првиот ден од Фајнл Фор турнирот, Еурофарм Работник беше сигурен против Охрид совладувајќи го со 26-18, додека Вардар во крајно неизвесен втор полуфинален натпревар го совлада Металург со 31-30.

По завршувањето на Фајнл Фор турнирот, доделени беа и индивидуалните признанија. Градимир Чаневски од Еурофарм Работник го доби признанието за најдобар голман, а Филип Чурлевски, исто така од Еурофарм Работник, со вкупно 12 постигнати голови беше најдобар стрелец. За најкорисен играч на турнирот (МВП) избран беше Лука Циндриќ од Вардар.

Ова беше 12 трофеј на Вардар во 25-то издание на Купот на Македонија, со што се зацврстува на првата позиција како најтрофеен клуб. Пелистер и Металург го делат второто место со по 5 освоени трофеи.

(Фото: Филип Вирановски, Gol.mk)

Слични вести

Ракометна Федерација на Македонија, бул. "Кузман Јосифовски - Питу" бр. 15, 1000 Скопје © 2015 Copyright