Наши пријатели

Убедлив триумф на кадетите против Бугарија. Кадетките поразени на отворањето

DSC_0134

Кадетските селекции на Македонија сочинети од членовите на Националната Спортска Академија, денеска го стартуваа Балканското ракометно првенство во Габрово, Бугарија. Женската селекција во својот прв натпревар доживеа пораз од домаќинот Бугарија со 33-18, додека машкиот тим ја совлада Бугарија со 32-20.

Македонија жени – Бугарија жени 18-33
(Божиновска 5, Николовска 5, Тодоровска 3, Гичевска 2, Граматова 1, Велкова 1, Џини 1)

На натпреварот во женска конкуренција, почетните проблеми со одбраната на нашиот тим, му дозволија на противникот веќе на средина од првото полувреме да стигне до солидна предност од 12-4. Неколкуте индивидуални добри игри во нападот на Николовска и Гичевска ја консолидираа играта на нашиот тим пред крајот на првото полувреме, кога успеавме да намалиме на 4 гола разлика, но пред пред паузата, а и на самиот почеток на второто полувреме, Бугарките со неколку добри одбрани во низа и брзи контра-напади повторно се одлепија, овој пат на двоцифрена разлика, која не ја испуштија до крајот.

Ива Божиновска имаше свои впечатливи моменти во нападот второто полувреме постигнувајќи 5 погодоци, во реализацијата се придодаде и Тодоровска, но Бугарија ја одржа контролата врз случувањата на теренот и го приведе натпреварот кон крај за конечни 33-18.

Женската селекција утре го игра вториот натпревар на Балканското првенство од 12:00 часот, кога ќе се сретне со главниот фаворит – Романија.

Македонија мажи – Бугарија мажи 32-20
(Јагуриновски 10, Амазовски 7, Арсениевски 4, Апостоловски 4, Николовски 3, Јорданов 2, Јовановски 1, Ѓоршевски 1)

Машкиот тим пак, одигра одличен натпревар против соодветниот состав на Бугарија и заслужено победи со 32-20. Цврстата одбрана, борбеноста на сите ракометари на двата краја од теренот и тимскиот напад, уште од почетокот на натпреварот го донесоа нашиот состав во водство од 7 гола разлика, кое постојано до крајот се зголемуваше.

Одбраната во второто полувреме отвори и доста простор за контра напади кои нашите ракометари знаеја да ги реализираат, па иако Бугарите се обидуваа со поагресивна игра да воспостават теренска рамноправност, Македонија играше стабилно и зрело за задржување на предноста и заслужен триумф од 32-20.

Кадетите утре на втората средба од турнирот се среќаваат со Романија од 14:00 часот. Со евентуален триумф против Романците, нашите ракометари ќе го осигураат првото место на турнирот.

ФОТОГАЛЕРИЈА – Балканско Кадетско Првенство, 1 ден

Слични вести

Ракометна Федерација на Македонија, бул. "Кузман Јосифовски - Питу" бр. 15, 1000 Скопје © 2015 Copyright