Наши пријатели

Суперлигашите го завршија есенскиот дел од сезоната. Металург единствен непоразен во лигата

met-rab11-615x400

Со комплетирањето на 14-то коло викендов во ВИП Суперлигата во машка конкуренција, заврши натпреварувачкиот дел од 2015 година во елитното домашно клупско натпреварување. На четири кола до почетокот на плејофот, останува да се официјализира уште само едно место во плејофот.

Со последната победа против Радовиш од 28-25, ракометарите на Металург се единствениот тим кој по 14 кола се уште не знае за пораз. Прилеп со победата над Вардар Јуниор на домашен терен се искачи на втората позиција на табелата со 12 бода повеќе од петтопласираниот скопски состав, доволни за и теоретски обезбеден пласман во продолжението за борбата за титулата.

Меѓу трите екипи кои го осигураа своето место во плејофот од Суперлигата е и тимот на Охрид, кој иако викендов загуби од Пелистер со 30-26, ја има истата предност од 12 бода пред Вардар Јуниор како и Прилеп.

Во борбата за последното четврто место од Суперлигата кое води во плејоф, Работнички е во далеку подобра позиција со 9 бода повеќе од Вардар Јуниор, но за официјализирање на местото во разигрувањето, ќе се почека до одигрувањето на последните четири кола по зимската пауза.

На Металург, Прилеп, Охрид и четвртопласираниот тим по крајот на Суперлигата, ќе им се приклучат Вардар и Зомимак-М на стартот на плејофот, каде сите шест екипи ќе почнат од 0 бодови.

Во долниот дел од табелата, Металург 2 со само еден освоен бод до сега, е во најлоша позиција за опстанок во елитното натпреварување. Во Плејаут лигата која ќе почне по доигрувањето на последните 4 кола од Суперлигата, особено интересна ќе биде борбата за избегнување на претпоследната позиција која води во бараж, додека дури пет екипи ги делат само три бода по досегашниот дел од Првенството. Освоените бодови од Суперлигата на учесниците во Плејаут лигата се пренесуваат.

Што се однесува до поединечната статистика по завршувањето на есенскиот дел од сезоната, Вања Илиќ од Работнички е најдобар стрелец во Првенството со 101 постигнат гол на досегашните 14 одиграни натпревари. Ивица Илиев од Радовиш е на втората позиција со точно 100 реализации досега од 12 одиграни натпревари, а во листата на најдобри 5 стрелци се и Димитар Димитриовски од Металург 2 со 89 голови од 14 натпревари, Миле Ордев од Радовиш со 83 голови од 14 натпревари и Ласко Андоновски од Пролет кој досега постигна 76 голови од 13 натпревари.

Слични вести

Ракометна Федерација на Македонија, бул. "Кузман Јосифовски - Питу" бр. 15, 1000 Скопје © 2015 Copyright