Сениорките четврти на Медитеранските Игри во Тарагона

Сениорките четврти на Медитеранските Игри во Тарагона

Сениорската женска репрезентација на Македонија со пораз од Словенија (30-29) во мечот за бронзениот медал, го заврши настапот на Медитеранските Игри во Тарагона освојувајќи го четвртото место.

Селекторот Симе Симовски за последната средба не можеше да смета на капитенот Елена Ѓеорѓијевска која се повреди во полуфиналето против Шпанија, а на повреда во текот на средбата се пожали и Теодора Керамичиева, која сепак го одигра мечот до крај.

Словенија подобро отвори и водеше во текот на целото прво полувреме, но нашите ракометарки постојано се одржуваа на достижна негатива и на пауза се замина со 18-16 за Словенките. Македонија имаше фантастичен старт на второто полувреме и со серија од 4-0 го превзема водството, кое најмногу се искачи на 3 гола (23-20). Сепак, немаа сили нашите ракометарки до крајот да одиграат во исто темпо, Словенија со четири гола во низа непосредно пред крајот поведе со 30-27, па иако нашите ракометарки ги постигнаа последните два гола на средбата, натпреварот заврши со триумф за словенките од 30-29.

Сара Ристовска со 7 и Душица Ѓеорѓиевска со 6 голови беа најдобри стрелци во нашиот тим. Одличен меч одигра и Јована Саздовска која постигна 5 погодоци од исто толку обиди, а реализатори беа и Керамичиева, Гичевска и Гакидова со по 3 гола, односно Боризовска и Нолевска кои постигнаа по 1 гол.

Со овој настап, Женската селекција на Македонија ги заврши Игрите на четвртата позиција, остварувајќи три победи (против Турција, Србија и Египет) и три порази (против Црна Гора, Шпанија и Словенија).

Машката селекција пак, порано го заврши натпреварувањето откако беше елиминирана во групната фаза. Тимот предводен од Роберто Парондо загуби од Турција и Египет, а ја совлада Србија што не беше доволно за пласман на некое од првите две места на табелата.

Сподели:
Facebook
Twitter
LinkedIn

Останати вести