Наши пријатели

Пораз во добра игра против Франција

viki6

Македонската ракометна репрезентација со пораз од 30-23 од фаворизираната Франција го отвори Европското првенство, но остана впечатокот за добрата и пожртвувана игра на нашите ракометари, кои одржуваа активен резултат до самиот крај на средбата.

Натпреварот го почнавме добро и храбро против актуелниот светски, европски и олимписки шампион. Избраниците на Ивица Обрван играа без притисок, лесно и едноставно, што донесе ефикасна завршница, дури и можност за атракции како двојниот цепелин во режија на Кире Лазаров и Дејан Манасков кој ги преплави европските медиуми. Ниту една од двете репрезентации не успеа резултатски да се одлепи во изедначеното прво полувреме во кое Македонија на моменти водеше и со 2 гола разлика, па на пауза се замина со изедначени 12-12.

Второто полувреме продолжи со изедначена игра на двете страни. Борко Ристовски имаше свои минути на голот на Македонија и со неколку одлични одбрани успеваше да го одржи активниот резултат и во моментите кога имавме проблеми со реализацијата на нападите. На помалку од 10 минути до крајот резултатот беше изедначен (22-22), но тогаш Французите направија серија од 5-0, која им ги донесе конечните 30-23, нереални во однос на случувањата на теренот.

Капитенот Кирил Лазаров со 9 постигнати погодоци беше најдобар стрелец во нашиот состав, каде 5 гола дополни Дејан Манасков, 4 постигна Гоце Георгиевски, стрелец на 2 гола беше Филип Миркуловски, а реализатори на по 1 погодок беа Стоилов, Прибак и младиот Кузмановски. Борко Ристовски беше одличен на голот на нашата репрезентација и со 10 одбранети удари на противникот, по натпреварот ја понесе МВП наградата.

Утре е слободен ден во нашата група, а натпреварите од второто коло се играат во недела. Македонија од 20:30 часот ќе се сретне со домаќинот Полска, кој денеска во тесна завршница ја победи Србија со 29-28.

viki1 viki4

Слични вести

Ракометна Федерација на Македонија, бул. "Кузман Јосифовски - Питу" бр. 15, 1000 Скопје © 2015 Copyright