Наши пријатели

Пораз од Хрватска за почеток на втората фаза од ЕП

stole-makedonija-hrv-615x400

Машката ракометна репрезентација на Македонија доживеа пораз од Хрватска (34-24) на отворањето на втората фаза од Европското Првенство во Полска.

Рано во натпреварот во Таурон арената, Хрватите со брза игра во нападот и цврста одбрана, поведоа со 7-1, по што нашата репрезентација не успеа да се рехабилитира. Предводени од Дејан Манасков кој во првото полувреме реализираше 6 голови од исто толку обиди, нашите репрезентативци се доближија до 17-13, резултат со кој се замина на пауза, но Хрватска не дозволи посериозно приближување и со контрола врз играта и резултатот, до крај само го зголемуваше водството за конечни 34-24. Селекторот Ивица Обрван на натпреварот им даде поголема минутажа и на резервните играчи, одморајќи ги првотимците по тешките први три средби и во пресрет на последните два натпревари од групата.

Манасков со вкупно 7 голови го заврши натпреварот како најпрецизен во нашиот тим, а уште во листата на стрелци се запишаа и Филип Кузмановски со 4 голови, Стоилов и Георгиевски кои постигнаа по 3 голови, Митков, Мојсовски и Ојлески беа реализатори на по 2 гола, а еден гол додаде и Филип Миркуловски.

Следуваат три слободни денови за нашата репрезентација, а следниот натпревар го играме на 25 јануари кога за противник ќе ја имаме селекцијата на Белорусија. Последниот меч од групата ќе го играме на 27 јануари против Норвешка.

Слични вести

Ракометна Федерација на Македонија, бул. "Кузман Јосифовски - Питу" бр. 15, 1000 Скопје © 2015 Copyright