Наши пријатели

Пораз на сениорките од Шведска за почеток на Квалификациите за ЕП 2018

02

Женската сениорска репрезентација на Македонија загуби на гостувањето кај првиот фаворит групата, Шведска, за почеток на квалификацискиот циклус за пласман на ЕП Франција 2018.

И покрај поразот од 38-26, избраничките на Симе Симовски покажаа солидна игра пред се во нападот, многу подобра во однос на средбите против истиот противник во рамки на јунскиот бараж за СП. Предводени од Елена Ѓеорѓиевска и Сара Ристовска, нашите ракометарки стигнаа до почетно водство од 2-0, но следуваше серија на Шведска за пресврт и водство на домашниот состав кое го одржа и зголеми до полувремето.

На пауза се замина со водство на Шведска од 18-13, а слично како и на стартот на средбата, така и на почетокот на второто полувреме Македонија одново постигна два гола во серија и се доближи до -3 (18-15). Сепак, Шведска не дозволи нашиот состав посериозно да се закани и со нова серија стигна до нова висока предност која ја претвори во конечен триумф од 38-26.

Елена Ѓеорѓиевска со 9 голови беше најдобар стрелец во нашиот тим, а Сара Ристовска додаде 6 гола. Во листата на стрелци се запишаа и Душица Ѓорѓијевска со 3 гола, Гакидова, Керамичиева и Саздовска кои додадоа по два, како и Ливриниќ и Десподовска кои беа стрелци на по еден гол. Кај Шведска, Натали Хагман и Луис Сенд искомбинираа 14 голови.

Нашата репрезентација веднаш се враќа за Скопје каде продолжува со тренинзи и подготовки за втората средба од квалификациите. Противник на Македонија ќе биде Србија, а натпреварот ќе се одигра во недела од 19:00 часот во СРЦ „Кале“ во Скопје. Влезот за посетителите ќе биде слободен.

Во другата денешна средба од нашата квалификациска група, Србија ја совлада селекцијата на Фарски Острови со 36-20.

Слични вести

Ракометна Федерација на Македонија, бул. "Кузман Јосифовски - Питу" бр. 15, 1000 Скопје © 2015 Copyright