Минимален пораз од Словенија во добра игра на нашите ракометарки во Скопје

Минимален пораз од Словенија во добра игра на нашите ракометарки во Скопје

Македонската женска сениорска репрезентација доживеа минимален пораз од фаворизираната Словенија во Скопје од 22-21. Се играше гол-за-гол во текот на речиси целата средба, а нашите ракометарки имаа и последен напад за изедначување кој не успеаја да го реализираат. Останува впечатокот за добрата и пожртвувана игра на нашиот млад состав, кој во голема мера ја корегираше играта во однос на првата средба што во четвртокот се одигра во Марибор.

Се играше изедначено прво полувреме, а Словенките беа тие кои први го превземаа водството. Предводени од Мавсар и Јеричек, словенечките ракометарки водеа со 3-1, 4-2, а потоа и 5-3, но веднаш потоа следуваа реализации на Ристовска и Јовановска, кои го изедначија резултатот на 5-5. Во 15-та минута, нашиот селектор се соочи со проблеми откако Теодора Керамичиева заработи црвен картон, но и покрај тоа, Македонија продолжи со цврста игра во одбрана и внимателно во напад и на 5 минути до крајот од полувремето стигна до прва предност од 8-7. До полувреме продолжи да се игра гол-за-гол, за сепак Словенија по голот на Мавсар во последната секунда да замине на пауза со минимална предност од 11-10.

Со стартот на второто полувреме можеше да се забележи доста побрза игра и со многу контакт на двете страни, а во период од 15 минути додека се играше изедначено, импресивна на нашиот гол беше Матеја Серафимова која нареди неколку атрактивни одбрани во низа. Ристовска, Стојановска и Саздовска беа предводници на играта во нападот на Македонија и на 10 минути до крајот од средбата резултатот гласеше 18-17 за Словенија.

Во 52 минута, со голот на Ливриниќ успеавме за прв пат во второто полувреме да изедначиме на 18-18, а потоа преку Гакидова го искористивме периодот како Словенија играше со ракометарка помалку и поведовме со 20-19 на точно 5 минути до крај. Со головите на Мавсар од пенал и Петриња, Словенија набрзина го сврте резултатот во своја полза, но нашите ракометарки не се откажаа и реализацијата на Гакидова на уште еден седмерец за нашиот тим, донесе изедначени 21-21 на стартот на последната минута од натпреварот. Словенечкиот селектор побара тајм-аут, а по него Нина Јеричек ја реализираше акцијата со гол за водство од 22-21. Македонија не успеа да ги претвори последните 30 секунди во погодок за изедначување и фаворизираната Словенија замина со минимален триумф од Скопје.

Симона Стојановска со 5 голови беше најдобар стрелец во нашиот тим, а по 4 гола додадоа Гакидова, Ристовска и Саздовска. Две реализации имаше Ливриниќ, а стрелци на по еден гол беа Белеска, Јовановска и Николиќ. Голманката Матеја Серафимова имаше одлична вечер со 10 одбрани.

По ова четврто коло во квалификациската група за ЕП, Македонија се наоѓа на последното место без бодови, во очекување на последните две средби против Хрватска и Црна Гора.

Сподели:
Facebook
Twitter
LinkedIn

Останати вести