Наши пријатели

Металург и Вардар ќе играат Куп-финале и во машка и во женска конкуренција

Untitled

Денешните полуфинални средби во Купот на Македонија во машка и женска конкуренција, ги одведоа Металург и Вардар во битка за двата трофеи. Металург славеше против Вардар Јуниор на полуфиналните средби и во машка и во женска конкуренција, а Вардар во машкото полуфинале во Охрид го победи домаќинот, додека во женското во Скопје беше убедлив против Куманово.

Металург ја оправда фаворитската улога и го совлада Вардар Јуниор во првото машко полуфинале, но избраниците на Пепи Манасков одиграа добар натпревар и во најголемиот дел одржуваа активен резултат. Првото полувреме донесе изедначена игра со повеќе промени на водството, а Металург во последните минути пред паузата успеа за прв пат посериозно да се одлепи и на полувреме се замина со 19-16. Добрата одбрана на Металург на стартот на второто полувреме го запре Вардар Јуниор во првите 10 минути и разликата стигна до највисоки 8 голови (25-17). Црвено-црните со борбена игра во продолжението имаа неколку реални шанси за резултатско враќање, но успеаја да намалат најмногу до 2 гола негатива. Голот на Филип Талески на почетокот на последната минута донесе 30-27 за Металург, а за крај погоди и Вардар Јуниор само да ги постави конечните 30-28.

Филип Талески со 8 голови беше прв стрелец во победничиот тим, каде меѓу најпрецизните беа и Никола Костески со 6 голови, како и Кузмановски и Палевски кои постигнаа по 4. Кај Вардар Јуниор, Ристо Вујачиќ реализираше 6 голови, а Александар Тренчевски додаде 5.

На мечот Охрид – Вардар, домаќинот поддржан од своите навивачи му пружи достоен отпор на фаворизираниот Вардар, кој сепак знаеше како да го доведе мечот до мирна завршница за заслужена победа. До полувремето се играше генерално изедначено, а Горан Печенкоски ги предводеше охриѓани во таа добра офанзивна игра на Охрид, која на паузата донесе резултат 14-12 за Вардар. Во второто полувреме вардарци полека но сигурно го кршеа отпорот на инаку мотивираниот противник, за во резултатски извесните последни 10-тина минути да ги постават конечните 29-21.

Душебаев и Дибиров со по 5 голови го предводеа Вардар во реализацијата, а впечатлив настап имаше и Манасков со 4 голови, сите во второто полувреме. Кај Охрид, најдобар стрелец беше Горан Печенкоски со 8 голови.

Финалето Металург – Вардар во машка конкуренција, ќе се игра во сабота од 17:30 часот во „Билјанини Извори“ во Охрид.

На полуфиналните средби во женска конкуренција, изостана неизвесност. Металург по изедначените први неколку минути од натпреварот, до полувремето креираше предност против Вардар Јуниор од 13-7, која знаеше како да ја одржи за сигурна победа против ривалот од 23-19. Јована Саздовска ги предводеше реализаторите со 7 голови, а Стојковска и Ливриниќ искомбинираа уште 9. Кај Вардар Јуниор, Нолевска постигна 5 гола, а по 4 дополнија Стојановска и Трпковска.

Мечот Вардар – Куманово беше решен по само неколку минути, откако фаворизираниот скопски состав поведе со 10-1. Куманово не можеше да се спротистави на вардарки кои постепено до крајот на средбата го зголемуваа водството, за на крај да ја надминат бројката од 50 постигнати голови. На полувреме се замина со 28-9, а на крај резултатот гласеше 51-18.

Финалето од женскиот Куп помеѓу Металург и Вардар ќе се игра во недела во салата Автокоманда од 17:00 часот.

Фото: Sportmedia.mk

Слични вести

Ракометна Федерација на Македонија, бул. "Кузман Јосифовски - Питу" бр. 15, 1000 Скопје © 2015 Copyright