Македонија сигурна против Црна Гора (35-28)

Македонија сигурна против Црна Гора (35-28)

Машката сениорска ракометна репрезентација на Македонија денеска пред полните трибини во СРЦ „Кале“, оствари сигурна победа против Црна Гора од 35-28. Во натпреварот кој претставуваше своевидно испраќање од страна на навивачите за Европското во Полска, нашиот состав одигра стабилно во текот на сите 60 минути и апсолутно ја заслужи победата. Утре Македонија и Црна Гора ќе одиграат уште една пријателска средба, која ќе биде од затворен карактер.

Натпреварот имаше генерално изедначен почеток. Македонија со двата реализирани седмерци на Лазаров прва поведе со 2-0, но Црногорците предводени од Грбовиќ ја анулираа негативата и за прв пат поведоа со 4-3 по 9 минути игра. Се играше гол-за-гол во наредните 10-тина минути, додека двете селекции имаа добра реализација на контра-нападите. По 20 минути игра, Македонија со серија од 5-1 и со реализацијата на Георгиевски стигна до дотогаш највисоки 11-8, па иако Црна Гора во еден момент до полувремето успеа да се доближи и до 1 негатива, нашите репрезентативци имаа одлична завршница и на пауза заминаа со 19-14. Кирил Лазаров и Дејан Манасков беа највпечатливи во реализацијата во нашата селекција во тоа прво полувреме, а токму со атрактивен цепелин во кој Манасков му асистираше на Лазаров и заврши полувремето.

Петте гола разлика од полувремето се покажаа недостижни за Црна Гора, која и покрај силните обиди за резултатско враќање, успеа да се доближи само до три гола негатива. Тоа се случи на самиот почеток на второто полувреме кога Македонија имаше проблеми со реализацијата, но набрзо избраниците на Ивица Обрван ја вратија препознатливата игра и преку Миркуловски, Георгиевски и Манасков повторно се одлепија на 5 гола. Предноста која Македонија знаеше како да ја одржи, донесе мирна завршница во која селекторот Обрван доби можност и да ротира со составот во претпоследната контрола пред Европското во Полска. Слично како што беше случај на завршницата на првото полувреме, така и крајот на натпреварот повторно му припадна на нашиот тим, кој со серија од 6-2 ги постави конечните 35-28.

Дејан Манасков со 13 постигнати голови (7 од седмерци) беше најдобар реализатор во нашиот состав, а во листата на стрелци се запишаа и Кирил Лазаров со 7 голови, Миркуловски и Прибак кои постигнаа по 4 гола, Георгиевски додаде 3, а Пешевски и Кузмановски беа реализатори на по 2 голови.

Овој натпревар за Македонија беше претпоследен од подготовките пред заминувањето на ЕП и последен од јавен карактер. Утре Македонија и Црна Гора ќе одиграат уште една пријателска средба, која ќе биде затворена за посетители и која двајцата селектори ја гледаат како можност за последно испитување на тактичките варијанти пред големиот континентален собир.

На ЕП во Полска, Македонија се наоѓа во силната Група А со селекциите на Франција, Србија и Полска. Првенството почнува на 15 јануари.

Сподели:
Facebook
Twitter
LinkedIn

Останати вести

Информација

Почитувани, Согласно член  32, 34, 35, 38, од Статутот на Ракометната Федерација на