Наши пријатели

Кадетите со максимален учинок ја завршија групната фаза на ЕХФ Шампионатот

MKD7EST

Со победа против Естонија од 26-22, Кадетската машка репрезентација на Македонија со максимални пет победи од исто толку натпревари ја заврши групната фаза на ЕХФ Шампионатот на првото место на табелата. Следува слободен ден на турнирот, а полуфиналето нашите кадети ќе го одиграат во сабота од 17:15 часот.

Поради обезбеденото прво место уште по победата над Швајцарија во претходното коло, селекторот Данило Брестовац доби можност на денешната средба со Естонија повеќе да ротира со составот и да им даде посериозна шанса и на ракометарите кои имаа помала минутажа на првите натпревари. И покрај тоа, нашиот состав уште од стартот на натпреварот ја контролираше играта и резултатот и на полувреме се замина со високи 16-7 за Македонија. Во текот на второто полувреме Естонците успеаја да намалат и да фатат резултатски приклучок, но во ниту еден момент победата на Македонија не беше доведена во прашање, па во рутинската завршница, нашиот состав заслужено прослави триумф од 26-22.

Виктор Василевски имаше одлично издание на голот на нашата селекција, а по натпреварот го доби и МВП признанието. Од стрелците, најефикасен беше Симоновски со 7 голови, Џигероски постигна 5, Костески 4, Ѓорѓиев и Ќосевски по 2, додека по еден погодок реализираа Божиновски, Каковски, Митиќ, Серафимов, Тодески и Витанов.

Утре на Шампионатот е слободен ден, а натпреварите продолжуваат во сабота, за кога се закажани полуфиналните средби. Македонија како победник на групата А, во полуфиналето од 17:15 по македонско време, ќе се сретне со второпласираниот од групата Б.

Слични вести

Ракометна Федерација на Македонија, бул. "Кузман Јосифовски - Питу" бр. 15, 1000 Скопје © 2015 Copyright