Наши пријатели

Кадетите и Кадетките поразени од Романија на вториот ден од Балканското Првенство

DSC_0241

Македонските кадетски селекции составени од членови на Националната Спортска Академија, денеска беа поразени од репрезентациите на Романија со 30-16 во женска, односно 27-24 во машка конкуренција. За крај на турнирот и во борба за втората односно третата позиција, утре нашите селекции се среќаваат со Косово.

Прв се одигра мечот во женска конкуренција, каде иако Македонија имаше одличен почеток против фаворизираниот противник во кој имаше и водство, Романија направи серија од 13-0, која на полувремето и донесе предност од 19-6. На почетокот на второто полувреме, бековската линија во нашиот тим профункционира многу подобро и трите голови во низа не приближија до 10 голови негатива. Сепак Романија не дозволи посериозно приближување на нашите ракометарки и дополнително зголемувајќи го водството до крај, славеше со 30-16.

Леонида Гичевска беше најпрецизна во нашиот тим со 6 голови, 3 гола додаде Марија Гајиќ, а 2 постигна Ива Божиновска. Во листата на стрелци со по еден реализиран гол се запишаа и Николовска, Стамова, Граматова, Лазаревска и Џини. За издвојување е и солидната партија на Нина Ладева на голот, која забележа двоцифрен број на одбранети удари.

DSC_0318

Дербито помеѓу Македонија и Романија во машка конкуренција, ги исполни високите очекувања за добар и атрактивен ракомет, во кој не изостанаа борбеност, квалитет и неизвесност во текот на сите 60 минути. По изедначениот почеток, Романија користејќи ги проблемите во напад на нашите ракометари, лесно реализираше од контра и полуконтра и со серија од 5-1 стигна до водство од 10-6 кое го одржуваше до паузата. Првото полувреме главно го одблежа борбеноста и цврстината на одбраната на двете страни, а заврши со водство на Романија од 12-8.

На почетокот на второто полувреме, Романија стигна и до 5 голови предност, но следуваа пет минути во кои Македонија предводена од добрите одбрани на Куртановиќ и одличната игра во напад на Јовановски, направи серија од 6-0 за превземање на водството (17-16). Сепак, во неизвеснта завршница, грешките во организацијата на нашиот тим отворија доста простор за контра напади на Романците кои откако поведоа со 26-21, не ја испуштија предноста до крај. Се играше максимално до последната секунда од натпреварот, а Романија прослави конечен триумф од 27-24.

Томи Јагуриновски заврши како најдобар стрелец во нашиот тим со 7 голови, еден повеќе од Јовановски. Во листата на стрелци се запишаа и Апостоловски со 4 голови, Амазовски со 3, како и Николовски и Арсеновски кои постигнаа по 2 гола. Впечатлив настап имаа и двајцата голмани – Трпевски и Куртовиќ.

Фотогалерија: Кадетско Балканско Првенство – 2 ден

Селекциите на Македонија утре ќе ги одиграат последните две средби на Балканското Првенство, а противник ќе биде Косово. Во случај на победи, женската селекција ќе го освои третото место на турнирот, додека машките ќе завршат на втората позиција. Натпреварите против Косово се закажани од 09:00 и 10:50 часот по локално време.

Слични вести

Ракометна Федерација на Македонија, бул. "Кузман Јосифовски - Питу" бр. 15, 1000 Скопје © 2015 Copyright