Добро издание на сениорките во поразот од фаворизираната Србија

Добро издание на сениорките во поразот од фаворизираната Србија

Македонската женска сениорска репрезентација одигра одлични 50 минути против големиот фаворит Србија во СРЦ „Кале“ во Скопје, но и покрај тоа што во поголемиот дел од средбата избраничките на Симе Симовски водеа и имаа активен резултат, на крајот загубија со 33-27.

Се играше гол-за-гол во првата половина од првото полувреме, а и покрај тоа што Србија успеа да се одлепи на 10-8, нашите репрезентативки го доиграа полувремето во полн ритам и направија пресврт за водство на паузата од 15-14. Повредата на Јована Саздовска рано во првото полувреме беше хендикеп за тимот на Симе Симовски, кој предводен од Елена Ѓеорѓиевска, Ивана Гакидова, Душица Ѓоргиевска и Теодора Керамичиева сепак успеваше да одржи резултатска неивесност и во второто полувреме.

Србија се одлепи на три гола предност (22-19), но Македонија повторно се приближи на само еден гол негатива на само нешто повеќе од 10 минути до крајот. Сепак, во самата завршница, искуството на српската репрезентација беше пресудно и гостинот со низа голови стигна до конечен триумф од 33-27.

Гакидова и Керамичиева со по 6 голови беа најдобри стрелци во нашиот тим, 4 додаде Елена Ѓеорѓиевска, а по 3 постигнаа Душица Ѓоргиевска и Сара Ристовска. Кај Србија, најпрецизна беше Крпез со 9 голови.

Ова е втор пораз за Македонија во Квалификациите за ЕП 2018, по поразот во првата средба од Шведска на гостински терен. Квалификациите продолжуваат во март, кога Македонија ќе одигра два натпревари против Фарски Острови.

Фото: Филип Вирановски, Gol.mk

Сподели:
Facebook
Twitter
LinkedIn

Останати вести