Наши пријатели

Борче Марковски: Имаме реални шанси за пласман на ЕП

17021799_1067958929974943_1971025139232386868_n

Женската младинска репрезентација на Македонија (до 19 години) се подготвува за Квалификацискиот турнир за пласман на ЕП Словенија 2017. Турнирот ќе се одигра во СРЦ „Кале“ во Скопје во периодот од 17 до 19 март, а селекторот на нашата репрезентација, Борче Марковски, оптимистички гледа на предизвикот.

Нашите младинки во изминатите три викенди се подготвуваа за настапот на Квалификацискиот турнир за ЕП 2017. Денеска и утре имаат слободни денови, а со тренинзи ќе продолжат од среда, како последна подготовка пред стартот на турнирот во Скопје. Противници на Македонија во квалификациската група се Унгарија, Фарски Острови и Молдавија, во ситуација каде најдобропласираните две селекции од групата обезбедуваат пласман на континенталниот собир.

„Сметам дека имаме реални шанси за пласман на ЕП“, вели селекторот Борче Марковски. „Атмосферата во екипата е добра, тоа што ме радува кај девојките е нивната видлива желба за докажување, која заедно со квалитетот и домашниот терен сметам дека може да ни донесе успех во квалификациската група. Унгарија е реален фаворит во групата. Тоа е репрезентација која со истата оваа генерација го освои третото место на ЕП во Скопје кое се играше во 2015 година, но сепак тоа не значи дека планираме против нив да се предадеме. Напротив, фактот што се меѓу најдобрите во Европа ќе ни служи како дополнителна мотивација за што подобар настап. Секако дека ќе одигрме најдобро што знаеме и против Фарски Острови и Молдавија, со цел да ги обезбедиме посакуваните две победи кои ни носат учество на ЕП“, продолжи Марковски.

Унгарија, Фарски Острови и Молдавија во Скопје пристигнуваат во четврток, а натпреварите од турнирот ќе се играат во СРЦ „Кале“ во периодот од петок до недела. Македонија, своите натпревари трите дена ќе ги игра во терминот од 19:30 часот.

„Успеавме да стигнеме до видео материјали од нашите противници кои ги анализираме и кои секако ќе ни помогнат, но сметам дека главното од нас зависи. Фокусот на работата го ставаме на агресивноста во одбраната, која понатаму треба да ни отвори можност за брза транзиција и лесни реализации. Во овие девојки има потенцијал и верувам во успешно минување на квалификациите“, заврши Марковски.

Во секој од трите дена на турнирот ќе се играат по два натпревари, од 17:00 и од 19:30. Сите натпревари ќе бидат емитувани во живо (Live Stream).

17.03. (17:00) Фарски Острови – Молдавија (https://youtu.be/1OBQqcRUpkI)
17.03. (19:30) Унгарија – Македонија (https://youtu.be/xTplpmYTa9I)

18.03. (17:00) Унгарија – Фарски Острови (https://youtu.be/GdUFJm-ZQT0)
18.03. (19:30) Македонија – Молдавија (https://youtu.be/MmGttDywOpA)

19.03. (17:00) Молдавија – Унгарија (https://youtu.be/KeB-aR-2f4M)
19.03. (19:30) Македонија – Фарски Острови (https://youtu.be/pnq9rDfMJiw)

Слични вести

Ракометна Федерација на Македонија, бул. "Кузман Јосифовски - Питу" бр. 15, 1000 Скопје © 2015 Copyright