Две машки екипи од Националната Спортска Академија, до 18 и до 16 години, денеска со победи го отворија настапот на меѓународниот турнир во Брашов. Селекцијата до 18 години оствари триумф над Пјатра Неамт од 27-20, додека селекцијата до 16 години славеше над Маи Плоешти со 18-16.
Инаку денеска во текот на целиот ден нашите вкупно седум селекции (4 во машка и 3 во женска конкуренција) ќе играат натпревари, а дел од нив уште во првиот ден имаат закажано по две средби. Женските селекции своите први натпревари ќе ги играат попладнево од 14:30 часот по локално време.
„Ова се многу значајни натпревари за овие млади момци и девојки. Меѓународното искуство секако дека има големо значење за развојот на нивните кариери, а на вакви натпревари со нови противници можеме и ние подобро да увидиме како напредуваме и на што во иднина повеќе да се фокусираме. Забележувам уште на почетокот голема мотивација кај целата група. Наша цел е да одиграме максимално пожртвувано на сите средби и во што подобро светло да ја претставиме нашата земја“, вели Љупчо Станковски, менторот на Академијата.
Меѓународниот турнир во Брашов, на кој учествуваат вкупно 40 екипи, трае до недела.