Наши пријатели

Кадетите со победа го стартуваа ЕХФ Шампионатот во Тбилиси

MKD6LUX

Кадетската репрезентација на Македонија (до 18 години) со триумф од 32-30 против селекцијата на Литванија, успешно го започна настапот на М18 ЕХФ Шампионатот што до 19 август се игра во Тбилиси, Грузија.

Избраниците на Данило Брестовац добро го почнаа натпреварот и рано обезбедија водство кое го одржуваа во текот на целото прво полувреме. Цврстата одбрана и успешната реализација на контра нападите беа клучни во креирањето на предноста, додека Серафимов и Костески ги предводеа реализациите во нашиот тим. На пауза се замина со 19-13 за Македонија.

Во второто полувреме Литванија постојано играше 7-6 во напад, а неколкуте промашувања на нашите играчи кон празниот гол на Литванците, заедно со неколкуте седмерци за Литванија и исклучувањата во редовите на Македонија, придонесоа разликата на семафорот да сериозно да се намали. Литванија успеа да се доближи и до само еден гол негатива (26-25), сепак во клучните моменти нашите ракометари ја задржаа концентрацијата и не дозволија пресврт. Марко Кизиќ имаше неколку значајни интервенции на голот на нашата селекција и Македонија со ново водство од 4 гола разлика во последните минути од средбата (29-25), го реши прашањето на победникот. Во самата завршница, Литванија повторно намали, но овој пат без закана за пресврт, за конечни 32-30 за Македонија.

Ненад Костески со 11 и Мартин Серафимов со 9 голови беа најдобри стрелци во нашиот тим, а во листата на стрелци за Македонија се запишаа и Џигероски со 4, Симоноски, Кондев и Божиновски со 2, односно Ѓорѓиев со 1 гол. Кај Литванија, најпрецизен беше Валентукевичиус со 8 голови.

Следниот настап на нашиот состав на М18 ЕХФ Шампионатот е предвиден за утре, кога тимот на Данило Брестовац од истиот термин (13:00 часот по македонско време) ќе се сретне со селекцијата на Луксембург, која пак денеска ги совлада Фарски Острови со 32-26. На првата денешна средба во нашата група, Швајцарија беше убедлива против Естонија совладувајќи ја со 33-22.

 

Слични вести

Ракометна Федерација на Македонија, бул. "Кузман Јосифовски - Питу" бр. 15, 1000 Скопје © 2015 Copyright