Македонија одигра нерешено со Црна Гора (30-30)

Македонија одигра нерешено со Црна Гора (30-30)

Сениорската машка репрезентација на Македонија, со добра тимска игра во нападот ремизираше во дуелот со Црна Гора, комплетирајќи го учеството на Кроација Купот во Умаг.

Иако изморени по вчерашниот меч со домаќинот Хрватска, избраниците на Ивица Обрван одиграа добар и изедначен натпревар против Црна Гора, кој донесе поголем број пресврти и неизвесна завршница. Двете репрезентации повеќепати го менуваа водството во текот на првото полувреме кое заврши со минимална предност на Црна Гора од 18-17.

Стартот на второто полувреме донесе и подобра игра во одбраната на нашиот состав. Тимскиот напад како и во текот на целата средба функционираше добро, што на средина од второто полувреме и донесе водство на нашата репрезентација од 25-23. Но следуваа осум минути во кој Македонија не успеа да реализира, а Црна Гора знаеше како да ги искористи за пресврт и предност од 29-26. Сепак нашите ракометари не се предадоа во завршницата, головите на Димитриевски, Митков и Ојлески ја доближија Македонија на 30-29, за во последната минута да реализира и Филип Лазаров, поставувајќи ги конечните 30-30.

Вкупно 12 ракометари се запишаа во листата на стренци во нашата репрезентација, а меѓу нив, Дејан Манасков беше најпрецизен со 7 погодоци, еден повеќе од Кире Лазаров. Жарко Пешевски додаде 4 голови, додека по три постигнаа Филип Талески и Филип Лазаров.

Овој втор натпревар на Кроација Купот ја комплетира ЕХФ неделата за нашата репрезентација, во која селекторот Обрван имаше можност да да ги воигра ракометарите, но и да го види и тестира квалитетот и потенцијалот на повеќе млади играчи на кои ќе може да смета за Европското Првенство во Полска.

Сподели:
Facebook
Twitter
LinkedIn

Останати вести