Металург сигурен против Вардар Јуниор

Металург сигурен против Вардар Јуниор

(Фото: 24 ракомет)

Со водство во текот на целата средба против Вардар Јуниор, Металург победи убедливо со 34-20 во СРЦ „Кале“ за брзо опоравување од премиерниот пораз во Лигата на шампионите и искачување на врвот на табелата во домашната Суперлига по првото коло.

Изедначено беше само во првите нецели 10 минути од натпреварот, кога одличните одбрани на Дупјачанец ја надополнуваа послабата игра во нападот на Металург. Вардар Јуниор успеа да изедначи на 5-5, но веднаш потоа следуваше серија на Металург од 5-1 за прво посериозно резултатско одлепување и разлика која до полувремето веќе достигна 8 голови (18-10).

Тренерите на двете екипи играа со поголем број измени во продолжението од натпреварот, а резултатот се движеше во слично темпо како и во првото полувреме. Вардар Јуниор најмногу се приближи до 6 гола негатива (22-16), за веднаш потоа да следува нова серија на Металург од 8-1 која на избраниците на Лино Червар им донесе висок триумф од 34-20 за почеток на домашната Суперлига.

Дури 11 ракометари се запишаа во листата на стрелци во победничката екипа, меѓу кои најпрецизен беше Никола Костески со 6 голови, а Костадин Петров и Јанко Божовиќ додадоа по 5 голови. Кај Вардар Јуниор, Филип Чурлевски и Бобан Андоновски со по 4 гола завршија како најпрецизни.

ЗАПИСНИК ОД НАТПРЕВАРОТ

Овој натпревар стави точка на Првото коло, по кое со победи, покрај Металург, го завршија и Работнички, Прилеп, Пролет и Борец. Следното коло почнува во сабота, кога ќе се сретнат Борец – Прилеп и Пелистер – Пролет.

Сподели:
Facebook
Twitter
LinkedIn

Останати вести